Исполнети се сите три услови за Мбапе да потпише со Реал Мадрид

Трансферот на Килијан Мбапе во Реал Мадрид уште ова лето станува сè поизвесен и прашање на време е кога ќе се реализира.

Вчера главна фудбалска вест беше одлуката на Мбапе да не го продолжи договорот со ПСЖ и идното лето да си замине како слободен играч, а денеска клубот упати ултиматум дека ќе биде продаден уште ова лето ако и понатаму остане на својот став.

Потоа повторно се огласи Мбапе, фудбалерот за новинската агенција АФП порача дека никогаш не преговарал со ПСЖ за продолжување на соработката по 2024 година и дека нема ништо против да си оди уште сега.

Со тоа Мбапе ги стави челниците на ПСЖ во мат позиција да го продадат ова лето за да не го загубат бесплатно во 2024 година.

Весникот „Ле паризиен“ пишува дека се исполнети сите три услови за Мбапе летово да си замине од ПСЖ и да потпише за Реал Мадрид, а тие се:

– Мбапе сака да игра само за Реал Мадрид, со кого веќе ги договорил сите лични услови.

– ПСЖ е согласен да го продаде Мбапе, и тоа за најмалку 150 милиони евра.

– Реал Мадрид веќе ги има обезбедено парите за трансферот и претседателот Флорентино Перес по секоја цена сака токму Мбапе да биде наследникот на Бензема.

Според весникот, Перес и Мбапе изминатите неколку недели постојано комуницираат, а во следниот период се очекува претставници на двата тима да седнат на преговарачка маса.

Наводно, и Мбапе е свесен дека по заминувањето на Бензема во саудискиот Ал-Итихад, сега е идеално време да го оствари сонот и да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.

- Оглас -

Најнови вести