Иста мака ги мачи најтрофејниот Вардар и шампионот Шкендија

Вардар и Шкендија имаат иста мака, како да се затресе противничката мрежа, а табелата во нашата Прва лига по две кола има чуден изглед.

Двете екипи кои доминираат во последно време, а и лани беа на првите две позиции сега се на дното на табелата, без постигнат гол во стартните 180 минути од новиот шампионат.

Шампионот Шкендија е единствената екипа без ниту еден бод, со два порази од по 0:1, од Академија Пандев и од Силекс, а и Вардар не е ништо подобар со пораз од Македонија Ѓ.П. со 0:2 и реми без голови против Борец.

Кризата на Шкендија беше најавена со исклучително лошиот настап во европските купови и брзата елиминација, најпрво во квалификациите за настап во Лигата на шампионите од Номе Калју и веднаш потоа и од Дуделанж во двомеч за настап во Лигата на Европа.

Актуелниот македонски шампион нема класичен шпиц, што е проблем број 1, а тоа се потврди и на стартот од новото домашно првенство.

Вардар е во малку поинаква криза, финансиите се постојан проблем, а капак е и одлуката на УЕФА за забрана за трансфери поради случајот „Максимов“. Најтрофејниот клуб игра со неколку младинци, а ефектот на стартот е лош, па и тие како и Шкендија немаат постигнато гол, заедно со новиот прволигаш Борец, кој исто така не ја тресеше мрежата во првите 3 часа прволигашки фудбал во новата сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести