Речиси еден век трае ривалството во Истанбул меѓу Галатасарај и Бешикташ. Два од трите најтрофејни клубови во Турција досега играле вкупно 344 пати меѓусебе, а вечерва повторно ќе се сретнат и тоа во меч кој може да реши многу работи околу шампионот во земјата.
Двата турски гиганти се во потера на лидерот Басакшехир, кој има 63 бодови од 31 меч. Галатасарај е со 60 бодови, а Бешикташ има еден помалку. Тоа значи дека освојување на три бода на денешното дерби ќе биде огромен чекор кон стигнување на лидерот на табелата.
Галатасарај ќе ја има поддршката од домашните навивачи, но и мотивот дека со победа ќе го стигне Басакшехир и да се биде поблиску до рекордната 22 титула во првенството. Бешикташ во своите витрини има 15 шампионски пехари, а пред нив е само уште Фенербахче со 19 трофеи.
ДВАТА ГИГАНТИ НЕМАА ПОРАЗ ВО 2019 ГОДИНА ВО ПРВЕНСТВОТО
Интересно е што овие два клуба се единствени кои во 2019 година немаат ниту еден пораз во првенството, а Бешикташ е во серија од шест победи во низа. Галатасарај е единствен тим кој сезонава нема пораз на домашен терен (11 победи и 4 порази), додека Бешикташ на гости има седум триумфи во 15 дуели.
Ова ќе биде меч и на двете најефикасни екипи и единствени кои имаат постигнато преку 60 погодоци сезонава. Доколку се случи и по денешниот меч двете екипи да останат непоразени, односно да заврши нерешено, најмногу ќе се радува лидерот на табелата Басакшехир.
Сите овие факти, но и долгата традиција, ветуваат дека Истанбул вечерва ќе биде во центарот на фудбалското внимание.