Домашните тимови победија во петте вечерашни мечеви од Евролигата, најинтересно беше на турското дерби и дуелот во Милано.
Мало изненадување се случи во Истанбул, каде што Фенер против Анадолу Ефес првата четвртина ја доби со 26-12, но загуби на крај. Третиот квартал му припадна на Ефес со 28-13, па финишот одлучуваше. Во второто полувреме, тимот на тренерот Обрадовиќ не беше на потребното ниво и го претрпе првиот пораз сезонава. Домашните погодија 13 тројки од 23 обиди.
„Покажавме карактер во второто полувреме. Во првиот дел, физички бевме надиграни, не бевме агресивни, не скокавме. Уште од првиот напад во второто полувреме заигравме како што треба и не им дозволувавме лесни поени. Не е мала работа да се победи Фенербахче по 15 поени негатива на полувреме. Ова е наша втора победа над нив за три недели, покажуваме дека сме добар тим“, рече тренерот Ергин Атаман.
Најдраматично беше во Милано, каде што двете екипи имаа шанса за победа и се менуваа во водство. Мајк Џејмс со три погодени слободни фрлања на три секунди до крајот беше јунак на „манекените“ и го остави Химки на дното, заедно со Будуќност, кој беше само спаринг партнер на гостувањето кај европскиот првак во Мадрид. Химки го имаше последниот напад, Швед утна, а потоа и Моња не поентираше по офанзивниот скок.
РЕЗУЛТАТИ: Анадолу Ефес – Фенербахче 89:83, Баерн Минхен – Басконија 77:71, Армани Милано – Химки 81:80, Олимпијакос – Макаби 88:80, Реал Мадрид – Будуќност 89:55.