Историја: прва жена главен тренер на тим од топ 5 лигите!

Унион Берлин ја назначи Мари-Луиз Ета за привремен тренер на првиот тим до крајот на сезоната, со што 34-годишната Ета стана првата жена што ќе предводи машки бундеслигашки тим и прва жена тренер на тим во петте најдобри европски лиги.

Таа ќе го има своето деби на клупата на Унијата следната недела против Волфсбург.

Ета го презеде тимот откако клубот ја прекина соработката со претходниот тренер Штефен Баумгарт и неговите соработници. Според договорот, Ета ќе го води тимот само до крајот на оваа сезона, а потоа ќе го преземе женскиот тим на Унион.

Инаку Ета пристигна во клубот во 2023 година како член на тренерскиот штаб, а потоа стана првата жена помошник тренер во машката Бундеслига и Лигата на шампионите. Таа веќе имаше искуство во водењето на тимот, кога на почетокот на 2024 година кога на еден меч го замени тогашниот тренер Ненад Бјелица поради суспензија и забележа победа.

Таа е прва жена што води тим во елитната германска лига, но не е единствената жена тренер на машки тим во Германија, бидејќи Сабрина Витман го предводи третолигашот Инголштат. Ета претходно работеше во јуниорските категории на женската репрезентација на Германија, а како играч поголемиот дел од својата кариера го помина во Вердер Бремен. Својата играчка кариера ја заврши на 26-годишна возраст, а потоа се посвети на тренерската работа. Нејзиниот сопруг, Бенџамин Ета, е тренер на женскиот тим на Лајпциг до 20 години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести