Романскиот судија Иштван Ковач ќе биде главен арбитар на вечерашното финале во Лигата на шампионите меѓу Пари Сен Жермен и Интер на „Алијанц Арена“ во Минхен.
Со ова, 40-годишниот Ковач ќе испише историја како прв судија што ги водел финалните натпревари во сите три актуелни европски клупски натпреварувања, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.
Минатата година тој го судеше финалето на Лига Европа во кое Аталанта го победи Баер Леверкузен со 3-0 во Даблин. Во 2022 година беше дел и од историјата на Конференциската лига, водејќи го првото финале меѓу Рома и Феенорд (1-0).
На официјалниот сајт на УЕФА се истакнуваат добрите арбитражи на Ковач во изминатите сезони, како и неговата конзистентност на највисоко ниво. Особено е нагласено дека тој е еден од ретките арбитри што успеал да балансира меѓу семејниот живот, неодамна стана татко, и големиот професионален успех.
„Судијата Иштван Ковач ќе го комплетира полниот сет финалиња од европските клупски турнири кога ќе го води натпреварот во Минхен. Тоа ќе биде горд момент за 40-годишниот арбитар“, објавија од УЕФА.