23.8 C
Skopje
среда, 23 јули 2025

Историска победа на Шкендија, во Скопје падна поранешен европски првак

Македонскиот првак Шкендија направи подвиг откако со 1:0 славеше над романскиот ФЦСБ, во првиот меч од второто квалификациско коло во Лига на шампиони.

Тетовскиот тим со голот на Вебстер во 65 минута стигна до историска победа, затоа што ФЦСБ е наследник на славната Стеауа, која пред 30-тина години беше и европски првак.

Уште од почетокот на мечот Шкендија покажа дека не се плаши од реномираниот противник. Офанзивно започнаа домаќините и имаа иницијатива во почетните 15-тина минути.

Потоа гостите ја преземаа иницијативата, но речиси и да не создадоа некоја посериозна шанса за гол.

Кога Шкендија виде дека против себе има ривал на кој може целосно да му парира, тетовци заиграа уште похрабро во вториот дел, а тоа беше крунисано со погодок. По центаршут на Трумичи, Вебстер со глава ја затресе мрежата на гостите во 65 минута.

Само пет минути по погодокот, Шкендија остана со играл помалку откако директен црвен картон доби Џака поради еден груб старт на противничката половина. Силите на теренот беа израмнети откако црвен картон доби и Танасе кај ФЦСБ. Тој намерно фаулираше и спречи контра напад на Шкендија, па судијата без двоумење му покажа директен црвен картон.

До крајот на мечот немаше промена на резултатот, па Шкендија на реваншот за седум дена во Букурешт ќе замине со предност од 1:0.

- Оглас -

Најнови вести