Историски меч: Реал Мадрид прв пат по 1947 година прими четири гола од еден играч (Видео)!

Жирона го победи Реал Мадрид со 4:2 во меч кој ќе биде запишан во историјата на шпанското првенство затоа што сите четири погодоци за домашниот тим ги постигна еден играч. Тати Кастељанос е херојот кој направи подвиг кој повеќе од 70 години не се случил во Примера дивисион.

Кастељанос успеа да му даде четири гола на Реал Мадрид, нешто што последен пат во шпанското првенство му успеало на Естебан Ечеверија од Овиедо во далечната 1947 година. Шоуто на Кастељанос започна во 12-тата минута, кога погоди за 1:0, а веќе во 24-тата минута беше 2:0 за Жирона. 

Реал до полувремето успеа само да намали на 1:2 со погодокот на Винисиус Јуниор, но Кралевите едноставно беа немоќни да се спасат од пораз покрај расположениот голгетер на домаќините.

Кастељанос продолжи да ја решета мрежата на Реал Мадрид и во второто полувреме. Хет-трик комплетира со погодокот во 46-тата минута.

Историскиот погодок за 4:1, Кастељанос го постигна во 62-рата минута. Инаку, последен фудбалер кој постигнал четири гола против Реал Мадрид на еден меч е Роберт Левандовски, и тоа на 24 април 2013 година, додека играше за Борусија Дортмунд, во дуел од Лигата на шампионите.

Кралскиот клуб до крајот на средбата постигна гол за 4:2 преку Лукас во 85-тата минута. По овој пораз, Реал Мадрид речиси сигурно ќе може да се прости од титулата во првенството затоа што останува на 11 бода зад лидерот Барселона, која утре гостува на Рајо Вајекано.

 

- Оглас -

Најнови вести