26.8 C
Skopje
петок, 12 септември 2025

Историски момент во англиската репрезентација што се чекаше повеќе од 150 години

Дефанзивецот на Тотенхем, Џед Спенс, влезе во историјата на англиската репрезентација откако стана првиот муслиман кој заиграл за Гордиот Албион. Цели 153 години стара е традицијата на англиската репрезентација, а дури сега се случи 25-годишниот одбранбен играч да испише историја.

Момчето кое е родено во Лондон дебитираше за Англија откако влезе како резервен играч во 69-тата минута на гостувањето во Белград против Србија. На крајот Англија победи со убедливи 5:0.

„Изненаден сум дека сум првиот, но тоа е голем благослов. Убаво е чувството да се испише историја и се надевам дека ова ќе биде инспирација на децата од целиот свет, дека и тие може да успеат како што успеав јас. Без разлика на која вера припаѓате, важно е да верувате во Господ“, рече Спенс.

Муслиманите сочинуваат шест отсто од населението во Велика Британија, а нивниот број меѓу професионалните фудбалери е значително помал.

„Ова е посебен момент за муслиманите во Велика Британија. Џед носи голема одговорност бидејќи не игра само за Англија, туку и за муслиманите од целиот свет“, истакна Ебадур Рахман, кој е основач на организацијата „Нујум Спорт“, која им дава поддршка на над 400 спортисти од исламска вероисповед.

 

- Оглас -

Најнови вести