Најдобрите осум екипи останаа во битка за трофејот во Лигата на шампионите, а денеска напладне ќе биде ждрепката во Нион. Докажани европски гиганти останаа во игра и сите ќе бидат во еден барабан, па без да има носители и неносители, треба да се одредат двојките за четвртфиналето.
Сите осум клуба коишто останаа, барем еднаш играле во финалето, а половина од нив се радувале и на трофејот. Шпанија доминира со три преставника. Најтрофејниот Реал Мадрид, потоа петкратниот европски првак Барселона и двократниот финалист Атлетико Мадрид.
Актуелниот европски првак Манчестер сити заедно со Арсенал, кој еднаш играше во финалето, ќе ја бранат честа на Англија, а сон на оваа земја е да гледаат англиско финале на „Вембли“ во мај.
Баерн Минхен и Борусија Дортмунд се двете германски екипи, а францускиот Пари Сен Жермен уште сонува да стигне до првиот трофеј.
Освен ждрепката за четвртфиналните дуели, потоа ќе биде и ждрепката за потенцијалните полуфинални дуели.

