Историски потфат на Чориќ, стана најслабо рангиран тенисер кој освоил турнир од Мастерс 1000 серијата!

Хрватот Борна Чориќ влезе во историјата на машкиот тенис како најслабо рангиран тенисер кој освои турнир од Мастерс 1000 серијата. Во финалето во Синсинати, Чориќ го совлада Стефанос Циципас со 7-6, 6-2.

Овој подвиг на Чориќ го споредуваат со триумфот на Горан Иванишевиќ на Вимблдон во 2001 година, кога славниот сонародник на Борна настапи со вајлд-карта.

Ова е најголем успех во кариерата на Чориќ, кој е 152-ри на АТП-листата. Со новите 1.000 поени на неговото конто, тој ќе има огромен скок нагоре на листата, ќе биде 29-ти и тоа ќе му донесе статус на носител на Отвореното првенство на САД.

Чориќ стана четврти Хрват со титула од Мастерс 1000 по Иванишевиќ, Иван Љубичиќ и Марин Чилиќ. Тој изјави дека мислел дека ќе испадне уште во првото коло од Рафаел Надал, но се покажа дека токму таа победа му влеа голема самодоверба дека може против секого.

За победата во Синсинати, Чориќ заработи 970.000 долари.

- Оглас -

Најнови вести