Историски трансфер во женскиот фудбал: Наоми Гирма е првата фудбалерка за која се платени над милион евра

Наоми Гирма (24) ќе стане најскапата фудбалерка во историјата откако Челзи договори трансфер вреден 1,1 милион долари со тимот Сан Диего вејв. Според информациите од „Атлетик“, договорот е пред реализација и по завршувањето на документацијата, Гирма ќе стане првата фудбалерка чиј трансфер ќе надмине 1 милион евра.

Претходниот рекорд го држеше Замбијката Рејчел Кунданањи, која во 2024 година премина од Мадрид во Бај фудбал клуб од Сан Франциско за 805.000 евра. За споредба, најскапиот трансфер во историјата на фудбалот останува оној на Нејмар, кој во 2017 година премина од Барселона во ПСЖ за 222 милиони евра.

Гирма се смета за една од најдобрите дефанзивки во светот. Во 2022 година беше прв избор на американскиот драфт, кога го напушти универзитетот Стенфорд за да се приклучи на Сан Диего. Таа двапати беше прогласена за најдобра фудбалерка во американската професионална женска лига.


На Олимписките игри во Париз 2024 година, Гирма ги одигра сите натпревари за репрезентацијата на САД, која освои злато.

„Таа е најдобрата дефанзивка што сум ја видела“, изјави Ема Хејс по победата на својот тим во полуфиналето против Германија.

Францускиот Лион исто така понуди 1 милион евра за Гирма, но таа се одлучи за Челзи, кој остана без централната дефанзивка Кадеиша Бјукенан, која во ноември доживеа повреда на предните вкрстени лигаменти.

- Оглас -

Најнови вести