За првпат во историјата, вечните кошаркарски ривали МЗТ Скопје и Работнички ќе ги одмерат силите во странство. Денес од 11 часот претпладне, двата најтрофејни кошаркарски клуба ќе се судрат на сараевско тло, во рамките од осмото коло во АБА2 лигата, во кое Металците ќе бидат во улога на домаќини.
Турнирот во „балонот“ во главниот град на БиХ ќе биде трет сезонава и ќе се играат три кола. Токму Штрковите и Центарци го отвораат турнирот во кој и двете екипи ќе бркаат прекин на поразителните серии.
МЗТ ќе треба да ги надмине поразите од Слобода и Студентски центар претрпени кон крајот на јануари, додека составот на Димитар Мираковски ќе се обиде да стави крај на серијата од четири негативни резултати. Воедно ова ќе биде прв дуел на вечните ривали во рамките од регионалното натпреварување.
По македонското дерби, денес ќе се одиграат уште два натпревари, од 14 часот играат Хелиос Домжале и Подгорица, во 19 часот ќе се сретнат домаќинот на турнирот Спарс Сараево против Горица.