Историско финале за францускиот првак – Биковите немаа одбранбен штит за ѕвездите на ПСЖ (Видео)

Анхел ди Марија ја одигра клучната улога за Пари Сен Жермен во убедливата победа од 3:0 против Лајпциг за прво финале во Лигата на шампионите на популарните Светци од Париз.

Фаворитот славеше убедливо со 3:0, а големите ѕвезди во францускиот тим умешно ги користеа катастрофалните грешки на германскиот тим.

Ди Марија имаше две асистенции, постигна и гол и заслужено е играч на мечот, што му донесе историско финале на ПСЖ.

Аргентинецот се истакна веќе во 13-тата минута со одличен центаршут од слободен удар, а погоди Маркињос за предност на ПСЖ од 1:0.

Нејмар имаше две зрели шанси пред и по голот на Маркињос, но не успеа да погоди за уште поубедлива предност на фаворитот.

Сепак, во 42-рата минута Бразилецот беше на вистинското место по големата грешка на голманот Ѓулаши и му асистираше на Ди Марија за 2:0. Резултат што беше актуелен по првото полувреме и најави која екипа ќе игра финале.

Играчите на Лајпциг продолжија со грешките и во второто полувреме, во 56-тата минута се лизна Мукиеле, му ја подари топката на Ди Марија, а јунакот на првото полуфинале прецизно го погоди Бернат во глава за убедливи 3:0.

Лајпциг се обиде да постигне почесен погодок во најважниот меч во нивната куса клупска историја, но не успеа, па им останува полуфиналето како највисок дострел во Лигата на шампионите.

ПСЖ го чека исходот од второто полуфинале што ќе го играат Баерн и Лион, утре на „Жозе Алваладе“ во Лисабон од 21 часот.

Финалето е закажано за 23 август на „Луж“ во Лисабон.

- Оглас -

Најнови вести