Истрагата потврди зошто се случи страшната сообраќајна несреќа во која загина Хозе Антонио Рејес

Хозе Антонио Рејес едноставно не можел да ја преживее страшната сообраќајна несреќа која се случи на 1 јуни минатата година. Некогашниот шпански репрезентативец загина на 35-годишна возраст откако возилото со кое патувале тој и уште двајца луѓе излетало од патот.

По повеќемесечна истрага, познати се резултатите од истрагата за несреќата. Причина за излетување од патот на „мерцедесот С 550“ е неприлагодената брзина и пукањето на една од гумите. Задната лева гума експлодирала при брзина од 187 километри на час, па едноставно невозможно било да се сопре возилото.

Рејес и неговиот роднина Џонатан настрадале на самото место, додека третиот член во возилото Хуан Мануел Калдерон преживеа, но имаше големи изгореници по телото кои ги здобил додека се обидувал да ги спаси останатите двајца пријатели во возилото.

Во богатата кариера Рејес има настапувано за: Севилја, Арсенал, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Еспањол, а несреќата го снајде додека го носеше дресот на шпанскиот второлигаш Екстрамадура.

- Оглас -

Најнови вести