Италија доби нова фудбалска ѕвезда, сите му честитаат

Мануел Локатели е играчот за врска на Сасуоло кој доби шанса да заигра и во националниот тим. Фудбалерот кој ги помина сите младински репрезентативни селекции, на дуелот против Холандија доби можност да дебитира и во сениорскиот тим.

Локатели максимално ја искористи понудената шанса. Беше стартер и одигра 81 минута, а на теренот беше еден од најдобрите. Ја контролираше средината на теренот, не им дозволи на домаќините да развијат своја игра, а Аѕурите на крајот победија со 1:0.

Локатели како дете поминал седум години во школата на Милан, а потоа за три сезони во сениорскиот состав на Росонерите одигра вкупно 63 меча. Сепак, од Милан сметаа дека тој нема да им биде потребен и го продадоа во Сасуоло, а Локатели покажа дека од „Сан Сиро“ направиле грешка.

Со своите игри стана еден од клучните играчи во Сасуоло, а сега и во дебито на репрезентативниот дрес покажа одлични перформанси. Медиумите од Италија пишуваат дека Локатели на теренот се движел како зад себе да има над 50 меча за Италија, а селекторот Роберто Манчини вели дека не е изненаден од играта на дебитантот.

„Не сме изненадени. Го повикавме во репрезентацијата затоа што мислиме дека е одличен играч кој може многу да напредува. Ману има квалитет, визија, физички предиспозиции. Има сè што е потребно за да стане голем играч“, коментира селекторот Манчини.

Против Холандија, Локатели одигра 82 минути и имаше 52 додавања, а вкупната статистика му беше одлична. И соиграчите му честитаа и имаа само пофални зборови за неговата игра.

„Локатели навистина блескаше на мечот во Амстердам. Видов дека е мотивиран да покаже дека има квалитет. Го имаше на секој дел од теренот. Млад е и може уште многу да напредува. Покажа сјаен карактер и ги заслужува сите комплименти кои му беа дадени по мечот“, вели Лоренцо Инсиње.

- Оглас -

Најнови вести