Италија гостува на терен каде што домаќините имаат само три порази во последните 10 години

Италија е перфектна во квалификациите за Европското првенство и некогашниот европски и светски првак ќе се обиде во ист стил да ги одигра и преостанатите два меча до крајот. Аѕурите вечерва ги очекува тежок предизвик, гостуваат кај Босна и Херцеговина.

Стадионот „Билино поле“ е место каде што навивачите на Босна и Херцеговина не се научени да гледаат пораз на своите миленици. Во последните 10 години, БиХ на овој терен во Зеница има одиграно 23 меча, од кои 22 биле официјални, а има само три порази.

Првиот пораз е точно пред 10 години, и тоа од Шпанија, потоа загубија од Словачка во септември 2013 година, а една година подоцна беа поразени и од Кипар. Тоа значи дека БиХ повеќе од пет години нема пораз во Зеница. Во тие 22 официјални дуели, домаќините се радувале 15 пати, а четири средби завршиле нерешено.

И селекторот на Италија, Роберто Манчини е свесен дека ќе го чека тешка задача за да ги одведе Аѕурите до деветата победа во деветиот меч од квалификациите.

„Мислам дека дуелот во Зеница ќе биде добар тест за нас. Мал стадион, полни трибини, против селекција која уште има шанси да се пласира на ЕП 2020 преку Лигата на нациите“, вели селекторот Манчини.

 

- Оглас -

Најнови вести