Младата фудбалска репрезентација на Македонија на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола има негатива од 0:1 по првото полувреме во дуелот со врсниците од Италија. Ова е меч од второто коло во квалификациите за пласман на Европско првенство.
Италија уште од стартот започна офанзивно, постојано напаѓаше, но нашата дефанзива добро реагираше на сите предизвици. Избраниците на Станиќ преку контра напади се обидуваа да ги изненадат Аѕурите, па на двапати имавме добри шанси, но фалеше реализација.
Во 25-тата минута Италија остана со играч помалку откако дефанзивецот Брендо Моруци доби втор жолт картон и беше исклучен.
Иако Македонија има играчка предност, на теренот повторно доминираа гостите. Италија поведе со 1:0 со голот на Маријануци во 35-тата минута, а потоа и до крајот на првиот дел ја имаа контролата на теренот.
Младите надежи на Македонија во првиот дел не упатија ниту еден удар во рамките на голот на гостите и не изведоа ниту еден корнер, а имаа само 37 отсто посед на топката.
За одбележување е одличната атмосфера на реновираниот стадион „Петар Милошевски“, каде што на двете трибини има 8.000 гледачи.