Три значајни европски репрезентации, тоа се Италија, Холандија и Германија, долги години играат во дресови кои не се во боите на нивните држави. Има објаснување зошто на пример Италијанците користат азурно сина боја и познати се под прекарот Аѕури, а Холанѓаните портокалова.
Германија најчесто игра во бели дресови, додуша со црно, а црната боја ја има на германското знаме. Но, има случаи, како на пример во финалето на ЕП 1986 година, кога Германија настапи во зелени дресови, а зелената боја ја нема на знамето. Белата боја на германсмите дресови е инспирирана од некогашното кралство Прусија. Знамето на Прусија која престана да постои во 1918 година, беше бело со црно и црн орел во средина. Германскиот фудбалски сојуз е формиран во 1900 година, и во тоа време за Германците, боите на нивната Прусија биле израз на патриотизам.
Интересна е приказната и за зелените дресови на Германија. После Втората светска војна, никој не сакал да игра со Германија. Прва селекција која прифатила да игра меч со Германците била Ирска, па во знак на благодарност, Германците некогаш игарат во зелени дресови, бои кои се препознатливи за Ирска. Има и друга верзија која е поверојатна, а тоа е дека Германија некогаш игра во зелено затоа што логото на нивната федерација е зелено, и ја претставува тревата.
На италијанското знаме нема сина боја, но италијанските репрезентации во сите спортови, играат во сини дресови. На почетоците, пред повеќе од 100 години, Италија играла во бели дресови. Но, подоцна прифатена е сината боја во чест на Кралската куќа Савој, а династијата на Виктор Емануел ја користела сината боја поради бојата на наметката на Богородица.
Незамисливо е да се видат Холанѓаните во дресови кои не се портокалови, барем таа боја им е прв избор, а портокалово нема на нивното знаме. Но, заслугата е кај принцот Вилијам Оранж, кој ја ослободил холандската нација од шпанското ропство. Од 1572 до 1630 година, на холандското знаме на местото каде што сега е црвената боја, имало портокалова.