Италија ремизираше без голови на гостувањето кај Полска, а гостите не беа задоволни од бодот. Аѕурите играат одлично, а за мечот против Полска најголема замерка најдоа во теренот, кој бил „ораница“ и не можело нормално да се игра.
Со освоениот бод, Италија останува на чело на табелата во Лигата на нации. Аѕурите имаат 5 бода, пред Холандија и Полска со по 4 бода и Босна и Херцеговина со 2 бода. Веќе задутре, Италија на свој терен ја пречекува Холандија, а мотивот на домаќините е поголем од само трите бода.
Италија сега има серија од 15 меча без пораз и се на пат да го стигнат рекордот поставен од пред повеќе од 20 години. Аѕурите во периодот од 1997 до 1999 година имале низа од 17 натпревари без пораз.
Доколку в среда Италија не загуби од Холандија, потоа следи контролен меч против Естонија (11 ноември) кој реално не може да го загубат, а на 15 ноември дома ќе играат со Полска. Ако во овие три дуели Италија не загуби, тимот на селекторот Роберто Манчини ќе постави историска низа без пораз. Последен пат оваа Италија загуби во септември 2018 година со 0:1 од Португалија.