Италија на еден чекор од историски пласман на ДЕВЕТ екипи во Европа за следната сезона

Италијанската Серија А се очекува да биде првата лига која ќе даде дури девет преставници во европските купови за следната сезона. Имаше многу дилеми дали Италија ќе смее и дали е можно да има дури девет клубови, а тоа го потврди и Џорџо Маркети од УЕФА.

Како Италија може да стигне до девет клубови во Европа? Фиорентина речиси сигурно ќе заврши под седмото место во Серија А, а во тој случај ако победи во финалето на Конференциската лига против Олимпијакос во Атина, ќе ѝ донесе уште едно место на Италија во еврокуповите.

Ако Фиорентина ја освои Конференциската лига, следната сезона ќе игра во Лигата на Европа, а ќе се отвори место за деветопласираниот состав во Серија А (Торино или Наполи) да игра во Конференциската лига на УЕФА.

Освен опцијата за историски девет тима во Европа, постои опција и за историски дури шест клуба во Лигата на шампионите за Италија. Тоа би се случило ако Фиорентина го добие финалето во Конференциската лига, а Аталанта слави во финалето од Лигата на Европа против Баер Леверкузен. Во тој случај првите шест екипи ќе играат во ЛШ, седмиот, осмиот и Фиорентина во Лигата на Европа, а деветиот на табелата во Серија А ќе биде дел од Конференциската лига.

- Оглас -

Најнови вести