Одличниот настап на Италијанците во европските купови ги доближува до петтото место во следното издание на Лигата на шампиомните.
Со промената на форматот и зголемувањето на бројот на тимови во ЛШ, двете земји кои ќе освојат најмногу бодови на УЕФА рангирањето сезонава ќе добијат дополнителен билет за Лигата на шампионите.
Пресметките велат дека веќе следниот четврток Серија А и официјално ќе добие едно место плус во елитното натпреварување, иако сезонава нема италијански тимови во четвртфиналето на ЛШ.
Италија има четири екипи кои сè уште играат во Лигата на Европа и Конференциската лига, а при рангирањето на УЕФА, се гледаат резултатите и од тие натпреварувања, не само за ЛШ.
Италија ќе го добие петтото место доколку Фиорентина ја совлада Викторија П’лзењ, а Аталанта не загуби дома од Ливерпул.
За другото место плус во елитата, се борат Германија и Англија. Голем чекор за бундеслигашите би било ако Баер Леверкузен го елиминира Вест хем, а и ако испадне Ливерпул.
Шпанија има дури три четвртфиналисти во ЛШ, но нема екипи во Лигата на Европа и Конференциската лига, па максимум за Ла Лига е што ја надминаа француската Лига 1, не може да бидат пред Серија А, Премиер лигата и Бундеслигата.