Четирикратниот светски првак Италија нема да биде дел од Мундијалот во Катар откако во баражот загуби од Македонија во Палермо, па сега Аѕурите играат контролни мечеви за да го задржат ритамот.
Италија вечерва гостуваше во Тирана против Албанија и победи со 3:1. Исмајили донесе голема радост за домашните фанови со голот во 16-тата минута, но Италија брзо ги врати работите „во нормала“. Ди Лоренцо израмни на 1:1 во 20-тата минута, а само пет минути подоцна погоди и Виченцо Грифо.
Фудбалерот на Фрајбург, кој пред неколку дена даде хет-трик само за 20 минути во Бундеслигата, погоди за репрезентацијата на Италија и во 64-тата минута, кога зголеми на 3:1, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Италија е во група со Македонија во квалификациите за пласман на ЕП 2024 година и Аѕурите тогаш ќе се обидат да им се реваншираат на нашите најдобри фудбалери кои се главни „виновници“ што Италија не е дел од СП во Катар.