Италија ќе биде без напаѓачот Матео Ретеги во двата натпревари од четвртфиналето на Лигата на нациите на УЕФА против Германија поради повреда на бутниот мускул, објави Италијанската фудбалска федерација.
Ретеги, кој е роден во Аргентина, а настапува во дресот на Аталанта, е најдобар стрелец во Серија А оваа сезона со 22 гола и има постигнато шест погодоци за Италија во 18 натпревари од своето деби во 2023 година.
„Напаѓачот Матео Ретеги утрово помина тестови кои потврдија мускулно истегнување на десната нога и нема да биде на располагање за двата натпревари против Германија. Тој ќе се врати во својот клуб за дополнителни прегледи“, се вели во соопштението на Федерацијата.
Мојзе Кен од Фиорентина, кој е втор најдобар стрелец во Серија А оваа сезона со 15 гола, сега е најверојатниот избор на селекторот Лучано Спалети да ја предводи италијанската офанзива против Германија.
Италија ќе ја пречека Германија на „Сан Сиро“ во првиот натпревар во четврток, додека реваншот ќе се одигра во Дортмунд во недела. Победникот од овој двомеч ќе биде домаќин на полуфиналето и финалето на Лигата на нациите во јуни.