Италија подготвува изненадување за Македонија, баражот на 24. март ќе се игра во Палермо, или Болоња

Италија подготвува изненадување за Македонија со изборот на градот домаќин за бараж полуфиналето на 24. март за настап на Мундијалот во Катар и изборот ќе биде меѓу Палермо и Болоња.

Таква информација објави „Калчомеркато“, а веќе се прави инспекција на двата стадиони, „Ренцо Барбера“ во Палермо и „Ренато дал Ара“ во Болоња.

Стадионот во Палермо има капацитет од 37 илјади места и таму Италија за последен пат играше во ноември 2019 година и ја декласира Ерменија со неверојатни 9:1.

Според „Калчомеркато“ Палермо е фаворит за домаќин на баражот, а алтернатива е Болоња со „Ренато Дал Ара“, стадион што има капацитет од нешто над 38 илјади места.

Таму Аѕурите за последен пат играа непосредно пред почетокот на Европското првенство летово на кое станаа шампиони, а Чешка мина лошо на „Ренато дал Ара“ и загуби од Италија со 4:0.

Италија и Македонија играа само еднаш досега на Чизмата. Во 2017 година нашата репрезентација успеа да ремизира 1:1 со четирикратниот светски првак во Торино на „Олимпискиот стадион“.

Сега пак ќе му гостуваме на гигантот во за нас прво и историско бараж полуфинале за настап на Светско првенство, а ако победиме ќе играме меч за пат во Катар, повторно на гости против Португалија, или Турција.

 

- Оглас -

Најнови вести