Италијанска работа: Во сред сезона ја променија табелата во Серија А

Речиси и да нема сезона која може да помине без некој скандал во италијанската Серија А. Последната вест е дека еден меч ќе мора да се преигра, односно да се одигра, иако веќе претходно беше одлучено резултатот да биде службен, и тоа 3:0.

Се работи за мечот Удинезе – Салернитана, кој по распоред беше на 21 декември, но не се одигра откако гостите пријавија голем број заразерни фудбалери со корона-вирусот.

Иако од Салернитана најавија дека нема да патуваат во Удине, домашните фудбалери се појавија на теренот во предвидениот термин, имаше и судии кои констатираа дека гостите не се појавија и мечот заврши.

Одлуката тогаш беше Удинезе да добие службен триумф од 3:0, а на Салернитана дополнително да ѝ биде одземен еден бод. Челниците на Салернитана се жалеа на оваа одлука и жалбата беше прифатена.

Дуелот сепак ќе треба да се одигра, што значи дека на Удинезе во моментов му се одземени трите „подарени“ бодови, а на Салернитана ѝ е вратен едниот бод одземен како казна за неиграњето во првичниот термин.

По новата коригирана табела, Удинезе сега има три бода помалку, односно 24 бодови и тимот падна на 15-тото место на табелата, додека Салернитана останува последна со 13 освоени бодови.

- Оглас -

Најнови вести