19.8 C
Skopje
недела, 7 септември 2025

Италијанската голманска легенда ќе брани на 82 години и тоа во тим од седма лига

Иконата на Серија А, Ламберто Боранга, сензационално се враќа во фудбалот на 82-годишна возраст. Легендарниот голман, кој официјално ја заврши кариерата во 1983 година, повторно ќе ги облече ракавиците за седмолигашкиот клуб Треви, а на теренот треба да истрча веќе во октомври.

Дека тој го сфаќа ова враќање исклучително сериозно, докажува фактот што Боранга кој е кардиолог, го тренира поранешниот тренер на голманите на Интер, Марко Бонајути. Боранга, кој бранеше за Фиорентина и Перуџа во својот најдобар период, ја одржува својата неверојатна форма со децении натпреварувајќи се на атлетски натпревари за ветерани.

Освен што сака да се врати во фудбалот, Боранга ќе се натпреварува и на Европското првенство во атлетика за сениори во Португалија следниот месец.

„Во октомври ќе се натпреварувам и на Европското првенство во атлетика за сениори во Мадеира. Секогаш тренирам: скок во далечина, троскок, скок со стап, во секоја дисциплина“, рече тој.

Неговата атлетска кариера е импресивна. Тој освои златни медали на Светското и Европското првенство за сениори во скок во далечина и скок во височина. Во 2008 година постави светски рекорд за спортисти над 65 години со скок од 5,47 метри, а во 2012 година, само неколку дена пред неговиот 70-ти роденден го собори и светскиот рекорд во троскок за неговата возрасна група со резултат од 10,75 метри.

Засега, на фудбалски план се очекува да одигра еден меч и да не биде на голот во сите 90 минути.

„Ќе одиграм еден натпревар во октомври, а потоа ќе видиме“, изјави тој за агенцијата Анса, додавајќи: „Немам намера да влегувам во соблекувалната и да давам наредби. Имам добро чувство, но не знам дали ќе можам да одиграм цел меч. Не сакам да изгледам како кловн. Има денови кога се чувствувам како да имам 50 години. Тренирам четири пати неделно, од кои еднаш го давам максимумот“, открива дедото Ламберто.

- Оглас -

Најнови вести