Милан се најде во незавидна ситуација во Лигата на шампионите откако остана само на четири бода по четири одиграни меча и е на третото место на табелата. Росонерите синоќа загубија на „Сан Сиро“ од Челзи, а клучниот момент на мечот се случи во раната фаза, односно во 18 -тата минута, кога беше покажан црвен картон за Томори, а Челзи доби пенал.
Жоржињо погоди за водство на Челзи, а Милан во следните 75-тина минути со играч помалку не можеше да биде конкурентен на теренот против лондончани. На крајот Челзи славеше со 2:0, но остана дилемата дали судијата Зиберт од Германија престрого досуди пенал за Челзи во 18-тата минута, а потоа мораше да му даде и црвен картон на Томори.
Поранешниот италијански судија, Грацијано Чезари, вели дека не требало да има пенал за Челзи.
„Тотално е неразбирлива одлуката на судијата да досуди пенал. Интензитетот на допирот на Томори по рамото не е доволно силен за да предизвика казна. Судијата вели дека Томори го држел Моунт, но на снимката тоа не се гледа. Во ниеден момент тоа што го прави Томори не може да се нарече влечење. Во најдобар случај, тоа е допир и Моунт можеше да продолжи да игра. Ова е целосно лудило на Зиберт и непостоечки пенал“, анализира Чезари.
Што се однесува до црвениот картон, правилата се јасни, а тоа е дека веќе кога е досуден фаул за пенал, а противничкиот играч е сам пред голманот, тогаш за фаулот се дава директен црвен картон. Сепак, прашање е дали имаше фаул за пенал кој го смени текот на мечот на „Сан Сиро“.