Дебаклот во Зеница ги потресе темелите на италијанскиот фудбал. Италијанската репрезентација се најде во нова криза која ја тресе целата фудбалска структура на земјата. Најмногу загрижува тоа што четирикратните светски шампиони ќе го пропуштат третиот последовен Мундијал, што е огромен удар не само за угледот, туку и за финансиската стабилност.
Според „Газета дело Спорт“, Фудбалската федерација на Италија остана без најмалку 100 милиони евра сигурни приходи поради неуспехот да се пласира на Свеѕското првенство. Најголем дел од ова, околу 45 милиони евра, се однесува на пропуштеното учество на Мундијалот.
Самото учество на завршниот турнир би донело најмалку 9 милиони евра од ФИФА, додека дополнителните загуби од околу 16 милиони евра се поврзани со казни од спонзорите и намалена продажба на комерцијални права. Финансискиот удар е дополнително засилен со загуба од околу 20 милиони во идни преговори со партнери и спонзори, бидејќи новиот неуспех значително ја ослаби преговарачката позиција на Федерацијата.
Колку болен бил поразот од Босна и Херцеговина, покажуваат и брзите промени на врвот на Федерацијата. Претседателот Габриеле Гравина поднесе оставка, а неговиот пример го следеа селекторот Џенаро Гатузо и шефот на делегацијата Џанлуиџи Буфон, оставајќи го италијанскиот фудбал во фаза на големи промени.

