Босна и Херцеговина утревечер на свој терен ќе игра меч за пласман на СП 2026, и тоа против четирикратниот светски првак Италија. Дуелот ќе биде на стадионот „Билино Поле“ во Зеница, а свое видување за силата на БиХ даде италијанскиот тренер Роберто Чеволи.
Чеволи е селектор на Сан Марино, најслабата репрезентација на ФИФА-листата. Токму Сан Марино пред неколку месеци гостуваше на „Билино Поле“, кога БиХ победи минимално со 1:0.
„Во јуни игравме на „Билино Поле“. Беше 32 степена и многу беше топло. Тоа е мал стадион каде што трибините се многу блиску до теренот и навивачите се слушаат. Одигравме одличен меч. На 25 минути пред крајот уште беше 0:0. Џеко седеше на клупата за резерви во патики, немаше копачки. Не требаше да влезе во игра, но тогаш нивниот селектор се премисли и го внесе во игра. Џеко го постигна голот за 1:0, а ние во последната минута имавме шанса да израмниме“, се сеќава Чеволи, а потоа додава: Тие се бавна екипа. Играат во споро темпо, што е позитивно за Аѕурите. На теренот имаат неколку добри индивидуалци, посебно тука е вечниот Џеко“.
Чеволи вели дека поголема мака од играчите на теренот ќе имаат економите кои се дел од екипите.
„Ни дадоа соблекувална која е на другиот крај од стадионот. Да стигнете дотаму има и многу стрмни скали. Тоа не беше проблем за играчите, но, секако, беше проблем за економите. Да се носи цела опрема до горе, без лифт. Тоа беше исцрпувачко“, се присетува селекторот на Сан Марино.

