Италијанската фудбалска репрезентација е актуелен европски првак и за нив катастрофа би било ако не се пласираат на следното ЕП кое се игра следната година во Германија. Не беа присутни на Мундијалот зимоска поради поразот од Македонија во баражот, а утрешниот меч со избраниците на Благоја Милевски не им е пресуден.
Аѕурите во последното коло на гостувањето кај Украина во германскиот град Леверкузен ќе решаваат кој ќе игра на ЕП 2024, а утрешната средба против Македонија за нив е само за олеснување или отежнување на работата пред последниот меч.
Украина има три бода повеќе од Италија во моментов, но Италија има и еден меч помалку. Ако Италија ја победи Македонија, тогаш ќе се изедначи со Украина по бројот на бодови, а позитивно за тимот на селекторот Лучано Спалети е што ја совладаа Украина и подобри се во меѓусебните дуели.
Ова значи дека ако победи Италија против Македонија, во последното коло со Украина ќе им биде доволен и бод. Ако Италија не ја победи Македонија и дуелот заврши нерешено или со наша победа, тогаш Италијанците за пласман на ЕП ќе мора да ја победат Украина.