Италија со максимални 9 бода ја заврши првата фаза која ја играше дома во Рим, извојува три победи без примен гол, а сега се сели во Лондон, каде што во осминафиналето ѝ претстои натпревар со Украина или Австрија.
Среќен губитник од групата А е репрезентацијата на Велс, која и покрај поразот од комбинираниот состав на Италија со 0-1 (стрелец на голот беше Песина), го освои второто место во групата, па не само што оди понатаму, туку ќе има осминафинале со Русија, Финска или Данска, освен ако Белгија не одлучи утре да одигра така што ќе биде втора во таа група.
Турците загубија од Швајцарија со 1-3, во меч на кој Џердан Шаќири даде два гола, и Турците потврдија дека се најнепријатното изненадување на првенството. Швајцарците останаа трети во групата, но собраа 4 бода и ќе почекаат за да видат дали за нив ќе има место во осминафиналната рунда или денешниот меч во Баку им беше последен.