Италијанците ќе ја засилуваат репрезентацијата со Бразилец?

Италија поминува низ еден од најтешките периоди во својата историја. Четирикратниот светски шампион нема да настапи ниту на трето последовно Светско првенство, што претставува нов тежок удар за нацијата која со децении беше симбол за врвен фудбал.

Во финалето од плејофот за Светското првенство 2026, Италија во Зеница беше елиминирана од Босна и Херцеговина по изведување пенали, а овој пораз дополнително ги откри длабоките проблеми во италијанскиот фудбал.

Проблемот за Италијанците не е само во слабите резултати на сениорската репрезентација. Ниту помладите категории не даваат впечаток дека доаѓа нова генерација која би можела брзо да ја врати репрезентацијата на старите патеки на успех, па јасно е дека во федерацијата се бараат решенија и надвор од вообичаените рамки.

Затоа раководството на Италијанската фудбалска федерација направи потег кој изненади многумина, но и јасно покажува колку е сериозна ситуацијата.

Имено, Италија потенцијално засилување за репрезентацијата го пронашла во Бразил. Станува збор за напаѓачот на Коринтијанс, Јури Алберто, 25-годишен фудбалер кој во иднина би можел да го носи дресот на Аѕурите.

Јури Алберто има 14 настапи и шест голови за младинските репрезентации на Бразил, а има и еден настап за сениорската селекција. Бидејќи станува збор за пријателски натпревар, според правилата сè уште има право да ја промени спортската националност и да заигра за Италија.

Најголем дел од кариерата го гради во Бразил, додека во Европа кратко настапуваше за рускиот Зенит Санкт Петербург. Целата приказна предизвика големо изненадување на Апенините, каде многумина се прашуваат како земја со толку клубови во Серија А мора решението за напаѓач да го бара – во Бразил.

- Оглас -

Најнови вести