Италијанците нема да тренираат на Арената, само ќе се „запознаат“ со теренот

Остануваат уште 10 дена до гостувањето на фудбалската репрезентација на Италија во Скопје. Во мечот кој е дел од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година, Аѕурите доаѓаат како актуелни европски прваци.

Македонија има убави спомени од дуелите со Италија затоа што на последната меѓусебна пресметка нашите фудбалери победија, и тоа на гости во Палермо со 1:0, во баражот за пласман на СП во Катар.

Сега Италијанците доаѓаат со мотив да се реваншираат за тој непланиран шокантен пораз. Од целата организација за да го пречекаме европскиот првак како добри домаќини, најголем проблем претставува теренот на Арената „Тодор Проески“. Повеќе од еден месец нашиот најголем стадион е затворен поради очајната состојба на теренот.

Арената ќе се отвори за гостувањето на Италија, а интересно е дека Аѕурите не планираат да имаат тренинг еден ден претходно, во терминот на одигрување на мечот, како што најчесто е процедурата за гостинските селекции.

Најавите се дека италијанските фудбалери на ден пред одигрувањето на дуелот само ќе се појават на Арената и 15-тина минути ќе прошетаат за да се „запознаат“ со теренот на кој ќе треба да играат на 9 септември.

Италија одигра два меча во квалификациите и освои три бода, додека Македонија е со три бода од три средби, но и очајна гол-разлика од четири дадени и дури 11 примени гола.

 

- Оглас -

Најнови вести