Италијанците се плашат дека Реал и Борусија ќе одиграат нерешено и ќе го исфрлат Интер

Замрсената ситуација во групата Б од Лигата на шампионите ќе биде тема уште една недела, до крајот на двата меча од последното коло во групата во која сите четири тима може да одат во осминафинале. Има девет различни комбинации како може да изгледа табелата по завршувањето на шестото коло.

Реал Мадрид е во позиција да може да биде прв во групата, но може да биде и последен и да остане без европска пролет. Интер со синоќешната победа на гости кај Борусија Менхенгладбах се врати во игра, не може да биде прв, но ако победи и следната среда дома против Шахтар, има добри шанси да биде втор во групата. Но, Интер џабе би ги победил Украинците ако Реал и Борусија Менхенгладбах одиграат нерешено. Така и Шпанците и Германците би оделе понатаму.

Затоа во Италија почнаа сомнежи дека ако видат дека Интер победува против Шахтар, Реал и Борусија ќе си одиграат нерешено и ќе го елиминираат клубот од Милано. Италијанците уште ги боли она сомнително реми на Данска и Шведска од 2-2 на ЕП 2004 година, кога со таков резултат ја елиминираа Италија, па затоа стравуваат и сега.

Поранешниот играч на Реал Мадрид и на Интер, Естебан Камбијасо, ги смирува фановите на Интер и вели дека Реал нема да калкулира, па затоа и Интер мора да оди на победа против Шахтар.

„Ве уверувам дека нема да се договорат да одиграат нерешено. Добро го знам Реал, историјата кажува дека никогаш не се задоволуваат со реми, особено не на домашен терен. За нив второто место не е доволно, 100 проценти сум сигурен во ова. Интер треба да мисли на победа над Шахтар, ништо друго“, вели Камбијасо.

- Оглас -

Најнови вести