Италија како актуелен европски првак вечерва ја пречекува Македонија, која првпат беше дел на едно големо натпреварување, токму на Евро 2020. Мечот во Палермо е дуел на кој мора да има победник и тимот што ќе се радува, ќе остане со шанси за пласман на Светското првенство во Катар, додека за поразениот ќе заврши мундијалскиот сон.
Македонија никогаш досега не играла на планетарен собир, додека Италија само двапати во историјата пропуштила да биде дел од најдобрите. Првиот пат тоа беше во 1958 година, а вториот пат пред четири години во Русија, кога во баражот загубија од Шведска.
ПЕНАЛИТЕ ИМ ЈА ДОНЕСОА ЕВРОПСКАТА КРУНА
Аѕурите затоа сега се двојно попретпазливи, затоа што е еден меч и може се да се случи. Домаќинот е голем фаворит и се надева на победа во 90 минути игра. Доколку е нерешено по 90 минути, ќе се играат продолженија двапати по 15 минути, а ако и тогаш нема победник, патникот за во финалето на плејофот ќе се решава на пенали.
Токму пеналите беа среќни за Италија на ЕП 2020 година. Во финалето по подобро изведување на удари од белата точка, со 3:2 ја победија Англија и стигнаа до тронот. Слично беше и во полуфиналето, кога на пенали со 4:2 ја победија Шпанија.
ЖОРЖИЊО ПОЧНА МНОГУ ДА ПРОМАШУВА
Сепак, пеналите не биле секогаш на страната на Италија. Токму во квалификациите за СП во Катар, пеналите беа тие кои направија Аѕурите да играат бараж со Македонија. Во групната фаза, во двата меча против главниот ривал Швајцарија, Италија промаши удар од 11 метри. Прво на гостувањето во Базел, Жоржињо утна пенал во 53-тата минута и дуелот заврши без голови, а уште подраматично беше на „Олимпико“ во Рим.
При резултат 1:1, во 90-тата минута беше досуден пенал за Италија, но Жоржињо повторно промаши. Доколку погодеше еден од тие два пенали против Швајцарија, Италија сега ќе беше на СП во Катар.
ДАЛИ МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ИСТО ТОЛКУ БОЛНА КАКО БРАЗИЛ ВО 1994 ГОДИНА?
Еден од најболните порази на пенали за Италија се случи на Светското првенство во САД во 1994 година. Аѕурите стигнаа до финалето против Бразил, немаше голови по 120 минути игра и мораше светскиот првак да се решава на пенали. Франко Барези, Даниеле Масари и Роберто Баџо ги промашија шутевите од пенал-рулетот и Бразил стана светски првак.
Дали ќе може Македонија да ѝ нанесе толку болен пораз на Италија што ќе се памти како мундијалското финале во 1994 година, ќе дознаеме вечерва во Палермо.