Фудбалската репрезентација на Италија веројатно третпат по ред ќе игра баражи за пласман на Светско првенство, а во претходните два случаи не успеа и оправдан е стравот дека пак нема да учествуваат на Мундијал, што би било историска катастрофа за земја која четирипати била светски првак.
На Италијанците им треба кикс на Норвешка против некој друг тим во групата, а ќе мора и да ги победат Норвежаните во меѓусебниот дуел ако сакаат да се најдат на СП без да играат бараж.
Она на што се жалат Италијанците е разликата во системот на квалификации во Европа и Јужна Америка.
Бразил директно се најде на СП, иако победи само на 8 меча и имаше дури шест порази на неговите 18 меча во квалификациите. Во Јужна Америка, квалификации играат 10 тима, од кои шест одат директно на СП, седмиот игра плејоф. Пресметано е дека таму е потребно да освојувате 1.16 бода по меч за да се најдете на СП. Во Европа нема шанса со толку малку бодови да се најдете на СП.
Европа има многу повеќе учесници од Јужна Америка на СП од Топ 10-те тима на листата на ФИФА, осум се од Европа, но на Стариот Континент е потешко да се обебеди пласман на Мундијал.