Италијанската фудбалска федерација воведе анти-Суперлига правило според кое може да ги исфрли клубовите од Серија А кои прифаќаат да играат во натпреварувања од затворен тип кои не се под капата на ФИФА и УЕФА.
Ова правило се изгласа на денешниот состанок на управниот комитет со надеж дека ќе ги натера несудените Суперлигаши од Чизмата да донесат одлука да се повлечат од Суперлигата. Јувентус, Интер и Милан беа меѓу 12-те гиганти кои имаа намера да се отцепат од УЕФА со цел да креираат посебно натпреварување.
Од нив, само Интер преку соопштение потврди дека се повлекува од проектот, откако претходно тоа го направи англиската шестка и Атлетико Мадрид. Јувентус, Милан заедно со Реал Мадрид и Барселона и натаму настојуваат проектот да се реализира во иднина, иако шансите за тоа се минимални по спектакуларниот распад на Суперлигата само 48 часа по официјалното најавување.