Италијанските претставници во Лигата на шампионите поставија нов рекорд кога се работи за мечеви во нокаут-фазата. За првпат во историјата три италијански клуба победија во првите дуели од осминафиналето на ЛШ.
Милан ја отвори убавата низа откако со 1:0 го победи Тотенхем, потоа Наполи на гости славеше над Ајнтрахт Франкфурт, а синоќа Интер ја комплетира убавата низа и со 1:0 го победи Порто. Да биде уште поимпресивно, италијанските клубови не примија ниту еден гол во овие три дуели.
За разлика од Италијанците, клубовите од Англија доживеаја дебакл. Од четирите екипи кои се дел од нокаут-фазата, три загубија, а само Манчестер сити ремизира, и тоа на гости кај Лајпциг со 1:1. Тотенхем загуби од Милан, Челзи беше поразен од Борусија Дортмунд, а Ливерпул доживеа историски дебакл од Реал Мадрид со 2:5.
Германските екипи имаат две победи и едно реми, што секако е добар биланс. Борусија Дортмунд и Баерн Минхен победија, а Лајпциг ремизира. Реал Мадрид на најдобар можен начин ја брани честа на Шпанија, додека ПСЖ загуби дома, па многу веројатно е дека Франција ќе остане без преставник во четвртфиналето.