Еден од најистакнатите македонски фудбалски интернационалци во последните две децении, Иван Тричковски, поранешен репрезентативец, и официјално стави крај на својата професионална играчка кариера.
Тричковски веќе беше повлечен од македонската репрезентација по Европското првенство во 2021 година, а сега го завршува и својот последен играчки ангажман. Но, иако ги закачува копачките на ѕид, тој не се оддалечува од фудбалот. Напротив – ќе остане дел од АЕЛ Лимасол, сега во нова функција како генерален директор на клубот.
Оваа понуда, како што е познато, Тричковски не можел да ја одбие, а веќе пристигнаа и првите честитки за новата улога.
По завршувањето на сезоната со кипарскиот клуб АЕЛ Лимасол, 38-годишниот Тричковски реши да ја затвори својата блескава кариера, оставајќи зад себе богато фудбалско наследство, исполнето со бројни успеси на клупско и репрезентативно ниво.
„Крај на кариерата на еден голем играч и човек. Среќен и горд сум што бев дел од менаџментот на фудбалската кариера на Иван Тричковски, кому му посакувам многу успех во иднина како генерален директор на АЕЛ Лимасол“, напиша Никола Ѓошевски, познатиот македонски фудбалски менаџер кој со години ја водеше кариерата на Тричковски.
Иван Тричковски остави длабока трага во македонскиот фудбал играјќи за Вардар и за Работнички, но и настапувајќи за клубови ширум Европа, меѓу кои и Црвена ѕвезда, АПОЕЛ, Клуб Бриж, АЕК Ларнака и уште неколку тимови на Кипар, каде што ги помина и најконстантните години од својата кариера.
За фудбалската репрезентација на Македонија одигра 67 натпревари и постигна седум гола.