Иванишевиќ: Надал нема шанса во финалето против Ѓоковиќ

Подобро финале на „Ролан Гарос“ и не можеше да се посака, дојде денот кога силите, знаењето и цврстината на нервите ќе си ги одмерат најдобрите тенисери на светот, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Париската земја е територија на Шпанецот, тој таму има неверојатен скор од 99 победи и два порази, па и според квотите во Sport Life, Надал е благ фаворит. Мечот на теренот „Филип Шатрие“ почнува во 15 часот.

Србинот доби 14 од последните 18 меча против Надал, но на „Ролан Гарос“ не знае како е да се победи против 12-кратниот освојувач на тој турнир. Надал до ова финале дојде без пораз, ќе биде нешто поодморен, но тоа не мора ништо да значи. Ѓоковиќ не знае за пораз на терен во 2020 година, па и пред Надал е многу тешка мисија.

Тренерот на Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, почна војна со зборови, па изјави дека Надал нема шанса против Новак.

„Надал нема шанса. Новак си има зацртано во главата дека мора да победи и мора да го направи тоа. Новак е фаворит во овие услови. Телото и психата му се в перфектна кондиција. Интересно е да се работи со него, постојано сака да напредува, мисли на сите детали околу тренинзите, исхраната, не сум видел менталитет како неговиот“ – изјави Иванишевиќ за телевизијата Спортклуб.

Ѓоковиќ има шанса да стане првиот тенисер во Опен ера на тенисот кој има барем по две титули на сите четири гренд-слема. Ако победи Надал, тоа ќе му биде 20-та гренд-слем титула, и ќе се изедначи со рекордерот Роџер Федерер. Рафа и Ноле добро се познаваат, досега играле дури 55 пати еден против друг. На гренд-слемите, Надал во кариерата има најмногу порази од Ѓоковиќ, а и Србинот најмногу порази има од Шпанецот.

Статистиката вели дека првиот сет може да биде клучен. На нивните 13 последни меѓусебни дуели, тенисерот кој го добивал првиот сет, на крај победувал. Но, во финалето во Париз во 2014 година, Новак водеше со 1-0 во сетови, па Надал го освои трофејот.

- Оглас -

Најнови вести