Како гром од ведро небо одекна неодамнешната објава на Новак Ѓоковиќ дека по пет години одлучи да се раздели со тренерот Горан Иванишевиќ, по што започнаа шпекулациите за причината за прекинот на соработката, а сега се огласи и Хрватот.
Иванишевиќ изјави дека тие „се измориле еден од друг“ и дека разделбата била неизбежна.
„Читав многу работи… Луѓето мора да пишуваат, но ниту еден не беше блиску до вистината. Вистинската причина за разделбата е заситувањето. Ова беа многу тешки пет години, луѓето забораат на корона-вирусот и дека Новак во еден момент беше светски негативец број еден поради неговата одлука да не се вакцинира. Дојде до заситување, до ‘замор на материјалот’. И Новак се измори од мене, а и јас се изморив од него. Не можев повеќе да му помогнам, но ја направивме вистинската работа“, изјави Иванишевиќ во интервјуто за српската телевизија Спорт клуб.
Според Иванишевиќ, сè започнало многу пред мастерсот во Индијан Велс, каде што Ѓоковиќ доживеа шокантна елиминација од Нарди.
„Поразот во Индијан Велс не е причината. Ако сакаме да бидеме искрени, почувствував уште на Отвореното првенство на САД минатата година дека доаѓа до заситување. И мене како тренер, поразот на Новак во финалето на Вимблдон тешко ми падна, Алкарас беше подобар и секоја чест, но одлучија еден-два поена. Потоа турнирите во САД беа неверојатни, Новак триумфира во Синсинати и на Отвореното првенство на САД, но јас тука почувствував дека се ближи крајот и прашање на време беше дали ќе се разделиме минатата година или оваа. Можеби ова требаше да го направиме уште минатата година, но јас по Отвореното првенство на САД го оперирав коленото и ме немаше 6-7 недели. Се вратив за завршниот мастерс во Торино, но тогаш беше евидентен заморот на материјалот и проблемот во комуникацијата“, изјави Иванишевиќ.