Ивано Балиќ контра Кирил Лазаров: Европското првенство е чудно, но не е нерегуларно

Легендата на хрватскиот и светскиот ракомет, Ивано Балиќ, има сосема спротивно мислење од македонскиот селектор Кирил Лазаров и вели дека Европското првенство во ракомет е чудно, но не и нерегуларно.

„Не би се согласил дека Европското првенство е нерегуларно. Такво е какво што е со многу проблеми поради ковид, но треба да се прилагодите, да се снајдете.

Хрватска е меѓу репрезентациите што беше најмногу погодена, променивме дури 30-мина ракометари, но се снаоѓавме некако. Имавме еден слаб меч во кој тотално потфрливме против Црна Гора, во кој противниците беа навистина одлични.

Хрватска и покрај елиминацијата во вториот круг на шампионатот, доби неколку ракометари кои се иднина на нашиот ракомет. Јелиниќ, Лучин, Мартиновиќ за првпат беа во улога да бидат носители на играта и одлично се снајдоа. Тука се и Мараш и Главаш, момци кои покажаа квалитет. Се бореа како лавови и можеби е и добро што во ваква ситуација добија поголема минутажа“, вели Балиќ, кој му е помошник на хрватскиот селектор Хрвое Хорват.

Претходно уште една голема светска ракометна легенда и македонски селектор, Кирил Лазаров, упати многу критики што шампионатот воопшто и се одржа во, според него, нерегуларни услови.

Во интервју за хрватскиот „Индекс“, Лазаров истакна дека Европското првенство е нерегуларно. Македонија испадна во првата фаза и ги загуби сите три меча, а Лазаров објасни зошто мисли дека првенството е чудно и нерегуларно.

„На ова првенство не важат никакви правила и нема регуларност. Невозможно е да се процени нечија сила бидејќи, порано или подоцна, сите влегуваат во проблем со короната. Чудно е што само Данците немаат такви проблеми. Сите селекции освен Данска имаа проблеми и затоа мислам дека ова првенство е чудно и нерегуларно“, вели Лазаров.

И нашата селекција беше нападната од повреди и позитивни случаи на ковид-19.

„Сакале или не, поради несреќниот ковид моравме да играме со деца. Тргнавме во подмладување, но пред поаѓањето на ЕП имавме важни играчи кои беа позитивни, а поради повреди останавме без тројца важни играчи. Имавме шестмина 20-годишни играчи во составот, а 59 минути бевме во егал со Словенија и Црна Гора. Не се исплати плачењето, најважно е да не ја загубиме главата во овој хаос и да гледаме напред“, додаде Лазаров.

 

- Оглас -

Најнови вести