Големото дерби во хрватскиот фудбал меѓу Хајдук и Динамо Загреб што ќе се игра утре на „Пољуд“ веќе имаше многу непријатна предигра во Славонија, со тепачка меѓу двете познати навивачки групи, Торцида и Бед блу бојс.
Во малото место Цериќ во близина на Винковци избегнат е вистински колеж откако полицијата објави дека, за среќа, немало жртви во тепачка на група од околу 30-тина припадници на Торцида кои користеле мачети и секири против 40-тина навивачи од Бед блу бојс, кои користеле безбол палки.
Дербито се игра утре, од 19 часот и може да влијае на титулата во Хрватска. Динамо е лидер со 66 бода од 30 натпревари, Осиек е втор со два бода помалку, но и меч повеќе, а Хајдук е на третото место со 59 бода и еднаков број натпревари како Динамо.
Двете екипи по овој меч ќе одиграат уште еден во самиот финиш на првенството.
За Динамо играат македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, а член на Хајдук е Јани Атанасов.