Избрани резервите за олстар-мечот во НБА

Демиен Лилард и Џејмс Харден ги предводат листите од по седуммина кошаркари од двете конференции, кои се најдоа на списокот на резерви за олстар-натпреварот во НБА.

Покрај Харден, резерви од Истокот се Џејсон Тејтум, Џејлен Браун, Бен Симонс, Зек Лавин, Џулиус Рендл и Никола Вучевиќ. Западната листа резерви ја сочинуваат Лилард, Донован Мичел, Руди Гобер, Ентони Дејвис, Крис Пол, Зајон Вилијамсон и Пол Џорџ.

Браун, Лавин, Рендл и Вилијамсон ќе дебитираат на мечот на најголемите ѕвезди. Капитени на тимовите се Леброн Џејмс и Кевин Дурант и тие ќе може да бираат кои играчи ги сакаат во својот тим, не мора да бираат само од својата конференција.

Олстар-мечот ќе се игра на 7 март во Атланта. Истата вечер ќе има и натпревари во забивање, шутирање тројки и вештини.

Како и секоја година, и оваа се прави рангирање на најдобрите кошаркари кои не добија повик да настапат на олстарот. Според сите аналитичари, најголема жртва е Девин Букер од Феникс санс. Букер сезонава има просек од 24,7 поени, 4,3 асистенции и 3,8 скока по меч, иако соиграч на бековската позиција му е Крис Пол.

И Леброн Џејмс преку социјалните мрежи се огласи по повод откачувањето на Букер и рече дека тој е најпотценетиот кошаркар во НБА. По социјалните мрежи има и многу шеги на сметка на Букер, една од тие е дека нема да му биде проблем што нема да се појави на олстарот бидејќи денот ќе го мине со својата девојка, ријалити ѕвездата од кланот Кардашијанови, манекенката Кендал Џенер.

- Оглас -

Најнови вести