Бразилскиот фудбалер Даглас Коста се најде во сериозни проблеми откако судот во Порто Алегре издаде налог за негово апсење поради неплатена алиментација во износ од половина милион реали (околу 78 илјади евра), пренесува „Газета дело спорт“.
Слична ситуација му се случи и пред две години, додека настапуваше за Лос Анџелес Галакси во МЛС-лигата, кога беше осуден на 30 дена затвор.
Токму од тој период датира и важечкиот налог за апсење, кој останува на сила до крајот на 2025 година и ѝ овозможува на полицијата и судските служби да го приведат во секој момент.
Неговите неволји не завршуваат тука. Австралискиот клуб Сиднеј, со којшто потпиша минатата година, објави дека договорот е спогодбено раскинат.
„Сиднеј ФК ја прекина соработката со Даглас Коста. Играчот не може да се врати во Австралија поради постојани правни и лични проблеми во Бразил. Во 25 настапи постигна шест гола и додаде осум асистенции“, соопштија од клубот.
За ситуацијата се огласи и самиот Даглас Коста.
„Му благодарам на Сиднеј што ми ја даде шансата да играм во Австралија. Тоа беше неверојатна година во овој дрес. Жал ми е што не можам да се вратам затоа што има работи што морам да ги решам дома, но секогаш со радост ќе се сеќавам на времето поминато овде. Им благодарам на сите во клубот и на навивачите за поддршката. Ова е искуство што никогаш нема да го заборавам“, порача Даглас Коста преку социјалните мрежи.
Тој во своите најдобри играчки денови настапуваше за Шахтјор Доњецк, Баерн Минхен и за Јувентус, но никогаш до крај не го искажа својот несомнено голем потенцијал.