Изгледа лесно да се победи репрезентација што не загуби од Франција

Изгледа лесно да се победи против Фарски Острови, но младите македонски репрезентативци очекуваат тежок дуел против репрезентацијата што приреди сензација против моќната Франција и не загуби од „Триколорите“.

Со тој меч во Клаксвик на 7 октомври почнува мини-циклусот октомвриски квалификациски дуели за Македонија, а ќе ѝ гостуваме и на Ерменија во Ереван на 11 октомври.

Селекторот Драган Канатларовски повика двајца нови играчи во составот по повредите на Елези и Фазлагиќ, а нема да играат и Божиновски и Чолаковски поради проблеми со ковид-протоколите во Австралија.

На местото на Елези и Фазлагиќ дополнително се повикани Иван Николов од Вардар и Димитар Тодоровски од Работнички.

„Нè очекуваат две тешки гостувања против Фарски Острови и Ерменија. Ќе дадеме сè од себе за да ја оствариме зацртаната цел, а тоа е освојување на максимални шест бода од двата натпревари. Против Франција и Србија очекувавме повеќе, посебно на резултатски план, но освоивме само еден бод. Се надевам дека сега нема да ги повториме грешките од претходните средби и ќе ги оствариме првите две победи во квалификацискиот циклус. Имаме одличен тимски дух, сите сме подготвени да дадеме сè од себе за дресот на Македонија“, вели голманот Денковски.

Тој беше извонреден на голот на младата селекција против Србија во Охрид во ремито без голови и успеа да му одбрани пенал на Тедиќ во првото полувреме. Претходно доживеавме пораз во Ле Ман против Франција со 3:0, па сега очекуваме прва победа, против Фарски Острови на 7 октомври, а потоа и успех со Ерменија на 11 октомври во Ереван, во битката за пласман на ЕП 2023.

„Фаворити сме на двата натпревари, но тоа не мора да значи апсолутно ништо. Видовме дека една Франција не успеа да слави победа против Фарски Острови. Се работи за репрезентација која игра добар фудбал, посебно на домашен терен. Нашата цел е јасна, а тоа е остварување на победа на двете средби. Имаме неколку нови играчи на овој собир, со оглед на тоа што имаме неколку клучни фудбалери што се повредени. Селекторот има јасни идеи, ги презентираше уште на првиот собир, верува многу во потенцијалот што го има оваа селекција. Функционираме одлично со него, ги слушаме советите и инструкциите што ни ги дава, имаме тешка група, но чекор по чекор можеме да се надеваме на позитивни резултати и остарување на добар пласман“, вели напаѓачот на Шкупи, Марко Ѓорѓиевски.

На ЕП сигурно ќе игра само првопласираната селекција во групата, а втората најдобра ќе игра бараж.

 

 

- Оглас -

Најнови вести