Изненадувачка одлука: Тони Крос ја завршува кариерата по ЕП

Германскиот фудбалер Тони Крос изненадувачки реши да ја прекине кариерата на 35 години. Еден од најдобрите играчи за врска ќе игра на Европското првенство, на кое Германија е домаќин, а потоа ќе оди во играчка пензија.

Во сезоната што изминува, Крос беше стандарден во тимот на Реал Мадрид кај тренерот Карло Анчелоти. Одигра 46 меча и на теренот помина 3009 минути, во кои постигна еден гол, а имаше и девет асистенции. Токму од Реал ја потврдија веста дека Крос оди во пензија.

Крос дојде во Реал Мадрид во 2014 година за трансфер вреден 25 милиони евра од Баерн Минхен. Тој заедно со Лука Модриќ одбележа една ера во Кралскиот клуб, каде што двајцата доминираа на средината на теренот. Во 463 меча за Реал даде 28 погодоци, а имаше и 98 асистенции. Последен меч во дресот на шпанскиот гигант ќе му биде на 1 јуни, кога на „Вембли“ ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд.

По финалето во ЛШ ќе му остане уште ЕП, каде што Германија е во група со Шкотска, Унгарија и Швајцарија. Крос во кариерата освен за Реал Мадрид и Баерн Mинхен, една сезона играше и за Борусија Дортмунд.

 

 

- Оглас -

Најнови вести