Европскиот првак Реал Мадрид би можел на интересен начин да ја пополни празнината во одбраната по заминувањето на Начо. Флорентино Перез ја загуби битката за Лени Јоро со Манчестер јунајтед, а и уште една „кралска“ желба, Италијанецот Калафиори ќе се пресели во Премиер лигата, поточно во Арсенал.
Шпанските медиуми тврдат дека Матс Хумелс е следната цел на Карло Анчелоти. Искусниот дефанзивец замина од Борусија Дортмунд и во моментов е слободен агент, а одби да замине и во Саудиска Арабија.
Тој би можел на залезот да си ја исполни желбата и да заигра за Реал Мадрид.
Хумелс одигра преку 500 натпревари во дресот на Борусија Дортмунд со која двапати ја освои титулата првак на Германија и двапати беше во финалето на Лигата на шампиони. Играше и за Баерн Минхен со кој трипати ја освои Бундеслигата, а со репрезентацијата на Германија успеа да ја освои светската титула во 2014 година.