Изненадување во Швајцарија – Одбраа нов селектор од Втората лига

Мурат Јакин е нов селектор на Швајцарија и ќе го замени Владимир Петковиќ на кормилото на националниот тим. Познатиот фудбалер што настапуваше за Грасхоперс, Штутгарт, Фенербахче, Базел и Кајзерслаутерн се договори со челниците на швајцарската федерација да биде селектор до крајот на квалификацискиот циклус за настап на Мундијалот во Катар во 2022 година, со можност за продолжување на соработката.

Интересно е што Јакин досега беше тренер на второлигашот Шафхаузен, а сега ќе има сложена задача да ги продолжи успесите на неговиот претходник Владимир Петковиќ.

Швајцарците одиграа одлично на Европското првенство, во осминафиналето го елиминираа актуелниот светски првак Франција, а потоа испадна во дуелот со Шпанија по полошо изведување на пенали.

Петковиќ замина во Бордо, па сега Јакин ќе има задача да обезбеди нов настап на Швајцарците на големо натпреварување. По две кола во Ц групата Швајцарците имаат максимален учинок и се на второто место зад европскиот првак Италија, која победи на три натпревари. Северна Ирска, Бугарија и Литванија се аутсајдери во Ц групата, па битката за првото место ќе се бие меѓу Аѕурите и Швајцарците.

Само првпласираните селекции од сите групи сигурно ќе играат на СП во Катар, а десетте второпласирани селекции со уште две од Лигата на Нации ќе играат баражи за уште три места на Мундијалот во 2022 година.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести